Мотоспорт

ВЕРСТАПЕН РАЗМИСЛУВА ЗА ПЕНЗИОНИРАЊЕ НА КРАЈОТ ОД СЕЗОНАТА?

Четирикратниот светски шампион не го крие разочарувањето од насоката во која се движи спортот, а последниот резултат на Големата награда на Јапонија само дополнително го засили тоа чувство. Трката ја заврши на осмото место, додека победата повторно ја однесе младиот Кими Антонели.

По трката, Холанѓанецот отворено зборуваше за својата иднина и за првпат сериозно ја отвори темата за крај на кариерата.

Да, размислувам за сè, па и за тоа. Имаме многу трки, календарот е преполн, и нормално е да се запрашаш дали вреди или е подобро да си дома со семејството, со пријателите, особено ако повеќе не уживаш во спортот.

Овие зборови не се случајни. Според холандските медиуми, одлуката е далеку од импулсивна туку напротив, Верстапен сериозно ја разгледува можноста да стави крај на кариерата, а следните недели би можеле да бидат клучни.

Сезоната за него не започна според очекувањата. По шесто место во Австралија, откажување во Кина и нов разочарувачки резултат во Јапонија, јасно е дека Ред Бул веќе не е доминантен како претходните години.

Но, според Верстапен, проблемот не е само во резултатите.

Немам проблем да завршам седми или осми. Свесен сум дека не можеш секогаш да победуваш. Но ако сум дел од трката, а не уживаш во Формула 1, тоа не е нормално. Ова веќе не е тркање, ова е анти-тркање.

Со оваа изјава, Холанѓанецот директно ги критикува новите правила и насоката на спортот.

Некои ќе бидат задоволни само затоа што заработуваат многу пари. Јас не. За мене ова отсекогаш била страст.

Верстапен има 4 титули зад своето име и иако многу очекуваа оваа сезона Ред Бул повторно да биде конкурентен, но за нивна жал тоа не е случај. Холанѓанецот веќе неколку пати критикува дека новите правила не го прават спортот погоден за возачите, бидејќи многу работи не зависат од нив туку од софтверски подесувања.