Фудбал

ТЕРАСА ВО ЗЕНИЦА СТАНА „ЗЛАТНА КАРТА“

Во Босна и Херцеговина владее вистинска фудбалска треска. Зеница се подготвува за спектакл, финалниот бараж против Италија за пласман на Светското првенство.

Интересот е огромен. Билетите исчезнаа за миг, а на црниот пазар достигнуваат вртоглави суми. Секој сака да биде дел од вечерта што може да влезе во историјата. Но, една приказна посебно го привлече вниманието.

Дино Мујановиќ, кој има стан со поглед директно кон стадионот, реши малку да се пошегува на социјалните мрежи. Објави фотографија од својата тераса со совршен поглед кон теренот и напиша:

Изнајмувам тераса за 500 евра. Собира четири луѓе, во цената има скара и пијалак по избор. Само сериозни понуди во инбокс.

Она што требаше да биде шега, на крај излезе бизнис можност.

Неговиот инбокс бил преплавен со пораки. Луѓе нуделе разни комбинации, пари, услуги, автомобили, само за да обезбедат место на терасата со „најдобар поглед во Зеница“.

Работите отидоа до таму што Мујановиќ морал повторно да се огласи и да стави крај на целата приказна:

Луѓе, застанете. Ова беше шега. Терасата е резервирана за мене и моите најблиски. Кој не разбрал, негов проблем. Одиме заедно до Светско.

Оваа анегдота само ја покажува вистинската слика и еуфоријата која во Босна и Херцеговина е на максимум. Кога и терасата станува „влезница“, јасно е колку значи овој натпревар.