Фудбал

БАРСЕЛОНА ЈА НАЈДЕ ЗАМЕНАТА ЗА ЛЕВАНДОВСКИ

Барселона веќе размислува за животот по Роберт Левандовски, а според најновите информации одлуката е донесена. Каталонскиот гигант го пронајде напаѓачот кој го гледа како идеална долгорочна замена за легендарниот Полјак, а станува збор за голгетерот на Борусија Дортмунд, Серху Гираси.

Иако Левандовски и понатаму има значајна улога во тимот и сака да остане уште најмалку една сезона, во Барселона се свесни дека е време да се размислува за иднината. Полскиот напаѓач наскоро ќе наполни 38 години, а клубот сака навремено да обезбеди транзиција и нов лидер во нападот.

Изборот паднал на Гираси, напаѓач кој совршено се вклопува во модерниот профил што го бара Барселона. Силен, директен и исклучително ефикасен пред голот, тој веќе се етаблира како еден од најопасните напаѓачи во Европа. Под водство на тренерот Нико Ковач, Гираси игра во врвна форма и е клучен играч во офанзивата на германскиот тим.

Според шпанските медиуми, трансферот би можел да изнесува околу 60 милиони евра, сума што Барселона е подготвена да ја инвестира за да ја обезбеди иднината на својот напад.

Неговите бројки се најдобар доказ за квалитетот. Оваа сезона има 17 голови и 6 асистенции на 38 натпревари, додека вкупно за Борусија Дортмунд постигнал 55 голови на 88 натпревари. Одличниот учинок доаѓа по трансферот од Штутгарт во 2023 година за само 18 милиони евра, потег кој се покажа како полн погодок за милионерите.

Од друга страна, иднината на Левандовски станува сè понеизвесна. Иако неговиот учинок во дресот на Барселона е импресивен, 183 настапи, 117 голови и 23 асистенции, клубот веќе размислува за нова енергија и свежина во нападот.

Како можни дестинации за продолжување на неговата кариера се споменуваат МЛС и Јувентус, при што преселба во САД во моментов изгледа како најреална опција.

Јасно е дека Барселона не сака да ја остави иднината на случајност. Транзицијата веќе започна, а Серху Гираси би можел да биде новото име што ќе го предводи нападот во годините што доаѓаат.