ХАНСИ ФЛИК НА ЧЕКОР ДО ЛЕГЕНДАРНИОТ РЕКОРД НА ГВАРДИОЛА
Објавено на: 15.03.2026
Германскиот стратег Ханси Флик е на чекор од нов историски подвиг со Барселона. Со својата серија од 14 последователни победи на домашен терен, денес против Севиља од 5:2, тој е само една победа далеку од израмнување на рекордот што го постави легендарниот Пеп Гвардиола.
Гвардиола, во својата златна ера на клупата на Барселона, стигна до 15 последователни победи дома, што долго време се смета за еден од најимпресивните рекорди во историјата на клубот. Сега Флик има шанса да го достигне, а можеби и да го надмине тој резултат.
Она што го прави овој подвиг уште поимпресивен е фактот што сегашниот тим на Барселона нема некои од најголемите легенди на клубот. Нема ги имињата како Лионел Меси, Андрес Иниеста и Чави Ернандес, ниту пак дефанзивните столбови како Жерар Пике и Серхио Бускетс.
Наместо тоа, Флик работи со тим составен од млади играчи и фудбалери кои до неговото доаѓање многумина ги сметаа за играчи на излез од клубот. Германецот успеа да ги трансформира во дисциплиниран и експлозивен колектив, тим кој игра со огромна енергија, висок пресинг и брз фудбал што ги воодушевува навивачите.
Ако Барселона ја забележи и следната победа на домашен терен, против Рајо Ваљекано, Ханси Флик не само што ќе го израмни рекордот на Пеп Гвардиола, туку ќе испрати и силна порака дека новата ера на каталонскиот гигант веќе започнала.