ТАЛАНТ ДУЈШЕБАЕВ НОВ СЕЛЕКТОР НА ФРАНЦИЈА
Објавено на: 25.02.2026
Претседателот на француската ракометна федерација, Филип Бана, го најави доаѓањето на Талант Дујшебаев како нов селектор на француската машка ракометна репрезентација, откако Гијом Жил денеска на прес-конференција во Ракометната куќа објави дека се повлекува од функцијата.
Дујшебаев ќе ја преземе должноста од 16 март, на почетокот на репрезентативната недела, кога Франција ќе одигра две пријателски средби против Шпанија, каде ќе играат неговите синови.
На прес-конференцијата, националниот технички директор Паскал Бурже додаде дека составот на стручниот штаб ќе биде објавен заедно со списокот на повикани играчи, неколку дена пред следниот тренинг-камп кој ќе се одржи од 16 до 23 март. Франција ќе игра во Ле Ман на 19 март во 20:00 часот, а реваншот ќе се одигра во Сиудад Реал на 22 март во 13:00 часот. Нова прес-конференција е најавена за 16 март во Ракометната куќа, со присуство на Дујшебаев и членовите на неговиот тим.
Талант Дујшебаев изјави дека му претставува голема чест што ќе ја води Франција.
Ова е навистина огромна чест за мене. Тоа е нешто што го посакував, бидејќи Франција има извонредна генерација на играчи. Со овие ракометари сакам да освојуваме сè, повторно да доминираме особено против Германија, Данска… Многу сум горд што мојот профил го привлече вниманието на федерацијата и што сум избран за овој проект.
Гијом Жил беше назначен за селектор на 28 јануари 2020 година и ја водеше Франција на 110 натпревари, со биланс од 85 победи, три нерешени и 22 порази. Под негово водство Французите освоија олимписко злато во Токио 2021 и европска титула во Германија 2024 година. Освоија и сребро на Светското првенство во 2023, како и бронза минатата година. Жил ја презеде репрезентацијата по разочарувачкото 13. место на Европското првенство во 2020 година.