НА ЗИМСКАТА ОЛИМПИЈАДА СЕ ПОТРОШИЈА КОНДОМИТЕ
Објавено на: 13.02.2026
Во Олимпиското село на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина има неочекувана „криза“, бесплатните кондоми наменети за учесниците биле потрошени за само три дена, пишуваат италијанските медиуми.
Еден од спортистите, кој сакал да остане анонимен, изјавил дека залихите исчезнале побрзо од очекуваното и дека им било ветено ново снабдување, но без прецизен рок, а нова роба сѐ уште нема.
Според извештаите, бројот на обезбедени кондоми оваа година бил значително помал во споредба со Летните олимписки игри во Париз, каде што биле дистрибуирани околу 300.000 парчиња. Во Милано и Кортина, наводно, бројката не достигнала ни 10.000.
На овие Зимски игри настапуваат нешто помалку од 3.000 спортисти, што е далеку помалку од повеќе од 10.000 учесници во Париз, но очигледно интересот и понатаму е голем.
Гувернерот на Ломбардија, Атилио Фонтана, порача дека нема причина за сензационализам околу ова прашање. Тој потсети дека обезбедувањето бесплатни кондоми во Олимпиското село е долгогодишна пракса, воведена уште на Игрите во Сеул во 1988 година, со цел подигање на свеста за заштита од сексуално преносливи болести.
И додека организаторите најавуваат нови количини, оваа тема повторно отвори разговор за тоа колку спортот и Олимписките игри се повеќе од само натпреварување, тие се и глобален социјален феномен.