Ракомет

ГИДСЕЛ Е ПОВТОРНО НАЈДОБАР РАКОМЕТАР ВО СВЕТОТ

По повеќе од три недели гласање, Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ги објави добитниците на признанијата за најдобри ракометари и ракометарки во 2025 година.

Кај сениорите, титулите повторно ги одбранија Матијас Гидсел и Хени Рајстад, додека во младинска конкуренција најдобри беа Франсиско Коста и Виола Лојхтер.

Со третата последователна награда, Гидсел стана само третиот играч во историјата со три титули најдобар во светот, покрај Никола Карабатиќ и Микел Хансен.

Данецот доминираше во гласањето: беше прв избор на комисијата на ИХФ, освои 60,7% од гласовите на навивачите и дури 68% од селекторите. Зад него останаа сонародникот Емил Нилсен и хрватскиот капитен Иван Мартиновиќ.

Во 2025 година ја предводеше Данска до четврта светска титула по ред, а во финалето против Хрватска (32:26) беше клучниот човек. Турнирот го заврши како МВП, најдобар стрелец (74 гола) и најдобар асистент (45).

На клупско ниво со Фуксе Берлин ја освои првата шампионска титула во Германија, беше МВП на Бундеслигата и втор стрелец со 275 голови, а играше и финале во Лигата на шампионите.