Фудбал

ОМЕРАГИЌ НА ПОСЕТА КАЈ ВАРДАР ВО АНТАЛИЈА

Претседателот на Фудбалска федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, деновиве престојува во Анталија, каде што голем дел од македонските прволигаши ги одработуваат подготовките за пролетниот дел од сезоната.

Во рамки на посетата, Омерагиќ денеска го посети и Вардар, каде што оствари средба со директорот Миленко Неделковски, како и со тренерот на клубот и иден селектор на македонската репрезентација, Гоце Седлоски.

Претходно, првиот човек на ФФМ ги посети и фудбалерите на Тиквеш, на кои им посака успешни подготовки и добар настап во продолжението од сезоната.

Во моментов, точно половина од клубовите во Првата македонска фудбалска лига се наоѓаат на подготовки во Турција. Покрај Вардар и Тиквеш, во Анталија тренираат и Пелистер, Силекс, Шкендија и Струга ТЛ.

Вардар во Анталија пристигна минатата недела и ќе остане таму до почетокот на февруари, по што ќе се врати во Скопје за финалниот дел од подготовките пред рестартот на домашното првенство. Денеска црвено-црните требаше да одиграат контролен натпревар против полскиот Мотор Лублин, кој во живо требаше да го проследи и Омерагиќ, но дуелот беше одложен поради лошите временски услови.