Фудбал

ИТРИНА ИЛИ НЕСПОРТСКИ ПОТЕГ НА ПАВЛОВИЌ? (ВИДЕО)

Неверојатна сцена го обиколи фудбалскиот свет по синоќешниот натпревар на Сан Сиро, каде дефанзивецот на Милан, Страхиња Павловиќ, беше фатен на камера како намерно ја оштетува пенал точката, само неколку секунди пред кобното промашување на Николае Станчу.

Во драматичната завршница од натпреварот против Џенова, гостите добија пенал во судиското продолжение. Додека играчите на Милан жестоко протестираа кај главниот судија Маурицио Маријани, српскиот стопер тивко се упати кон белата точка и со нозете започна да копа мала дупка четири пати со левата и двапати со десната нога.

Павловиќ отворено ја саботираше пенал-точката, што не му промакна ниту на судијата, кој веднаш му покажа жолт картон поради неспортско однесување.

Интересно е што Станчу веќе ја имаше топката во раце и дури забележа што прави дефанзивецот на Милан, но не реагираше. Неколку моменти подоцна, Романецот го изведе ударот и ја испрати топката високо над голот, предизвикувајќи експлозија од радост на трибините на Сан Сиро.

На крајот, Милан успеа да извлече важен бод, а потегот на Павловиќ веднаш стана вирален и отвори дебата за границите на „итрината“ во модерниот фудбал, дали станува збор за спортска лукавост или за чисто неспортско однесување.

Едно е сигурно, сцената ќе се памети уште долго, а пеналот на Станчу ќе остане како една од најчудните завршници на оваа сезона во Серија А.