Фудбал

ТЕО СЕ ОДМАЗДУВА НА МИЛАН СО ШОКАНТЕН ТРАНСФЕР

Саудиска Арабија изгледа не му одговара најдобро на францускиот лев бек, кој по помалку од шест месеци веќе е во преговори со лут ривал на неговиот Милан.

Францускиот лев бек, кој е производ на академијата на Атлетико Мадрид, преку Реал Мадрид и Милан се етаблираше како еден од најдобрите фудбалери на својата позиција во Европа.

По блескавите години во Милан, Хернандез минатото лето замина во Саудиска Арабија и потпиша за Ал-Хилал. Таму брзо се наметна како клучен играч во тимот на Симоне Инѕаги, постигнувајќи седум гола и две асистенции на 19 натпревари во сите конкуренции, бројки кои само ја потврдуваат неговата офанзивна моќ.

Сепак, според новинарот Карло Пелегати, Хернандез и неговото семејство се решени што поскоро да се вратат во Италија. Токму тоа го отвора патот за Јувентус, кој веднаш воспоставил контакти со агентите на фудбалерот.

Иако договорот не е постигнат, Пелегати тврди дека разговорите се во напредна фаза. Годишната плата на Хернандез од околу 20 милиони евра првично претставувало огромна пречка за „старата дама“. Но Французинот наводно е подготвен на драстично намалување на примањата за да се врати на највисоко европско ниво и да продолжи да се натпреварува во Лигата на шампионите.

И покрај тоа, Јувентус ќе мора да најде договор и со Ал-Хилал, со оглед дека договорот на Хернандез важи до јуни 2028 година што значи дека цената за трансферот нема да биде мала.

Во Јувентус, главна опција на левата страна во моментов е Андреа Камбијасо, кој има сезона под просекот. Во конкуренција се уште и Хуан Кабал и Филип Костиќ, но Србинот влегува во последната година од договорот.

Токму затоа Тео Хернандез се гледа како вистинско „премиум“ решение за позицијата, играч кој може да донесе брзина, продор и голема офанзивна закана по левата страна.

Веста сè уште е без поширока потврда од други извори, но едно е јасно: ако Јувентус успее да го доведе Французинот, тоа ќе биде една од најголемите трансфер бомби во Европа. Сега останува да се види дали желбата на играчот и амбициите во Торино ќе бидат доволни да го „скршат“ отпорот на Ал-Хилал.

За потсетување, тој неодамна се „отвори“ пред медиумите за начинот на кој Милан го примора да си замине од Сан Сиро, па ова доколку се реализира несомнено би било слатка одмазда од Фрацузинот до раководството на Милан.