Фудбал

ЧЕЛСИ АНГАЖИРА ТРЕНЕР ОД ФРАНЦУСКО ПРВЕНСТВО?

Челси најверојатно брзо ќе ја заврши потрагата по нов тренер, само еден ден по разделбата со Енцо Мареска. Лондонскиот клуб објави дека ја прекинува соработката со Италијанецот, а британските медиуми тврдат дека неговиот наследник ќе биде претставен најбрзо што може, можеби дури во следните неколку дена.

Мареска замина од Стемфорд Бриџ и покрај успешната прва сезона во која ја освои Лигата на конференции, Светското клупско првенство и избори пласман во Лигата на шампионите. Сепак последниот месец донесе неочекуван пад во формата и влошување на односите со раководството, што на првиот ден од 2026 донесоа разделба.

Додатна „искра“ беше фактот што Италијанецот признал дека имал контакти со Сити и Јувентус за евентуална негова преселба, нешто што дополнително ги разгневило директорите во Челси.

Сега фокусот е насочен кон новиот човек што, според клупските извори, треба да му даде на тимот „најдобра шанса да ја врати сезоната на вистински колосек“.

Најсериозен кандидат во овој момент е Лиам Розениор, актуелен тренер на Стразбур. Првичните информации на The Athletic го посочуваат како единствен кандидат за кој размислува бордот на директори на синиот клуб. Интересен детал е што Стразбур е дел од BlueCo групацијата истата што е сопственик и на Челси што дополнително ја олеснува можната ротација во тренерската структура.

Во моментов не се очекува клубот да тргне по имиња како Оливер Гласнер, Цеск Фабрегас, Андони Ираола или Роберто де Зерби, иако тие претходно беа споменувани во медиумите.

Розениор би бил изненадување за јавноста поради тоа што нема искуство како прв тренер во Премиер лигата, но репутацијата му расте по ангажманите во Дерби Каунти, Хал Сити и Стразбур. Се смета за модерен, прогресивен тренер, со силен акцент на тактичка дисциплина и развој на млади играчи, концепт кој е целосно усогласен со проектот на Челси.

Останува да се види дали токму тој ќе биде новиот човек што ќе се обиде да го стабилизира бродот на „сините“. Но едно е сигурно, одлуката ќе биде донесена многу брзо.