Тенис

КРАЈ НА ЕДНА ЕРА: АЛКАРАЗ И ФЕРЕРО НЕ СЕ ВЕЌЕ ТАНДЕМ

Светот на тенисот во шок, Карлос Алкараз и неговиот долгогодишен тренер Хуан Карлос Фереро одлучија да ја прекинат соработката. Веста ја потврди самиот Алкараз, кој пред малку соопшти дека разделбата ќе стапи на сила пред почетокот на сезоната 2026.

Алкараз има само 22 години, но зад себе веќе има кариера за историја: шест Грен слем титули и статус на светски рекет број еден. Сето тоа беше изградено рамо до рамо со Фереро, човекот кој го презеде уште како тинејџер и го обликуваше во еден од најдоминантните тенисери на модерната ера.

Иако ниту Алкараз ниту Фереро не дадоа конкретна причина за разделбата, пораките што ги споделија се полни со почит и емоции, без нијанса на конфликт.

„Ти благодарам што ги претвори детските соништа во реалност. Ова патување го започнавме кога бев дете, а низ сите овие години ти беше покрај мене, во, но и надвор од теренот. Уживав во секој чекор.

Хуан Карлос Фереро, поранешен светски број еден и еден од најреномираните шпански тренери, одигра клучна улога во развојот на Алкараз. Во неговата академија во близина на Мурсија беше изграден темелот на шампионот кој денес доминира на АТП турнирите и низ слемовите.

Засега, Алкараз не откри кој ќе биде неговиот следен тренер, што отвора бројни шпекулации во тенискиот свет. Ќе продолжи ли со некој исто толку искусен ментор или ќе избере поинаков пристап во следната фаза од кариерата?

Едно е сигурно: соработката меѓу Алкараз и Фереро ќе остане запишана како една од најуспешните тренерско-играчки релации во поновата тениска историја. А што следува за шпанската суперѕвезда, останува да видиме.