Мотоспорт

ДВАТА МЕКЛАРЕНИ СУСПЕНДИРАНИ ВО ВЕГАС, МАКС СЕ ПОБЛИСКУ ДО НИВ

До крајот на сезоната во Ф1 останаа уште две трки, а по трката во Лас Вегас, борбата за титулата стана уште покомплицирана бидејќи дуото на Мекларен е дисквалификувано и остана без бодови.

Техничкиот делегат на ФИА, Џо Бауер, ги пријави на стјуардите двата болида на Мекларен за инспекција по трката, а истата откри дека на двата Мекларени заштитните плочи на болидот биле потенки од потребниот минимум од девет милиметри.

Оваа информација им беше доставена на стјуардите поради потенцијално прекршување на правилото 3.5.9  од правилата, а според нив тоа значи дисквалификација. Направено било сослушување на возачите и на техничките лица од тимот и потоа донесена одлука за дисквалификација на двата возачи. Ваква дисквалификација имаа и Ферари претходно во сезоната, поточно на ГН на Кина каде им беа одземени бодовите.

Тоа значи дека бодовите од второто место на Норис и четрвртото на Пиастри паѓаат во вода, а најголем победник е Макс Верстапен кој откако победи успеа со оваа дисквалификација да „скине“ огромен број на бодови. Сега, генералниот пласман изгледа вака:

  1. Ландо Норис: 390 поени
  2. Макс Верстапен: 366 поени
  3. Оскар Пиастри: 366 поени

Мекларен доставија жалба на одлуката за дисквалификација, но истата била одбиена.

Следуваат последните две трки од календарот, првата во Катар следниот викенд и последната во Абу Даби за две недели отсега. Може ли Верстапен со маестрален камбек да ја украде титулата од Мекларените и да ја одбрани титулата?