Фудбал

УЕФА ПЛАНИРА ПРОМЕНА НА ФОРМАТОТ КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕВРОПСКО И СВЕТСКО

УЕФА планира промени во квалификацискиот систем за Светското и Европското првенство, а новиот формат ќе биде објавен во следните шест месеци, најави претседателот на европскиот фудбал, Александар Чеферин.

Сепак, на Фудбалскиот бизнис форум во Милано, Чеферин категорично ја отфрли можноста за примена на сличен систем како во Лигата на шампионите за квалификациите за националните репрезентации.

На дополнително прашање за тоа кога ќе бидат објавени плановите, тој одговори:

Верувам дека за најмногу шест месеци ќе можеме да го објавиме новиот формат.

Во текот на изминатиот месец се шпекулираше дека УЕФА размислува за квалификации во стилот на Лигата на шампионите за следното Европско првенство. УЕФА моментално разгледува начини да ги направи квалификациите поинтересни, бидејќи интересот од навивачите и телевизиските куќи е во опаѓање, особено поради големите разлики во квалитетот меѓу тимовите.

Сегашниот квалификациски систем за Светското првенство во 2026 година вклучува групи од четири или пет екипи кои играат во формат „дома-гости“, но недостатокот на атрактивни натпревари и големиот број еднострани натпревари станаа очигледни. Најголемата победа оваа година беше Австрија-Сан Марино со 10-0, додека Франција го победи Гибралтар со 14-0 во квалификациите за ЕУРО 2024 две години претходно. Чеферин нагласи дека се разгледуваат две опции.

Сè уште не знаеме точно каде одиме. Дали има смисла да имаме резултат од 10-0? И од друга страна, дали има смисла малите и средните тимови да продолжат да играат против големи тимови и никогаш да не се квалификуваат? Ако можеме некако да ги комбинираме овие два пристапа, тоа би било идеално.

УЕФА веќе ѝ овозможи на барем една пониско рангирана репрезентација да се квалификува за Европското првенство преку Лигата на нации. Така воедно настапивме и ние на Европско првенство, квалификувајќи се преку Лигата на нации.