ВАН ДАЈК ОДГОВОРИ НА ДИЛЕМАТА ДАЛИ РАЗГОВАРА СО ТРЕНТ
Објавено на: 03.11.2025
Утре во 21:00 часот ќе гледаме повторно судир помеѓу вечните европски ривали, а дополнителен „драж“ на натпреварот му дава враќањето на Трент Александер Арнолд на Енфилд, откако летово ги напушти своите и премина во Реал Мадрид.
Предавството на бекот на Ливерпул кој освои две Премиерлигашки титули и една титула во Лигата на шампионите сѐ уште е „отворена рана“ во градот на Битлси, откако тој не го продолжи договорот и поради наводно подобра финансиска понуда и проект се пресели на Бернабе. Судбината сакаше во првата своја сезона, веднаш да се врати на Енфилд како противник, каде што ќе го пречекаат довчерашните свои тимски колеги.
На прес конференцијата пред натпреварот, се очекуваше токму ова да биде жешката тема, а таму освен Слот се појави и капитенот на Ливерпул. На прашањето дали разговара со Трент откако се појавија шпекулации дека истите имаат нарушен однос по „предавството“ на Англичанецот, капитенот на Ливерпул одговори.
Не премногу, може да се рече и дека воопшто не разговараме. Си имаме засебни животи, тој живее во Мадрид, јас во Ливерпул.
Новинарите продолжија да потпрашуваат дали детето на Ливерпул може да се сретне со непријателска атмосфера од трибините, а Ван Дајк одговори:
Не сакам да коментирам на таа тема. Тој беше дел од нашиот тим и беше извонреден, тоа е единственото нешто што можам да го кажам. Тој е многу квалитетен играч, факт што е докажан многу пати досега. Беше еден од нашите најдобри играчи, но утре доаѓа како противник и ќе направиме се што можеме за да му ја отежнеме работата.
На оваа тема, одговор имаше и Трент Александер Арнолд кој во интервју за Amazon Prime, додаде:
Каква и да биде атмосферата, ја прифаќам. За тоа се одговорни фановите. Јас секогаш ќе го сакам овој клуб, сме направиле многу и тоа секогаш ќе го носам со себе. Без разлика што ќе се случи утре од трибините, тоа нема да ги расипе моите чувства за градот, клубот и фановите.
Натпреварот се игра утре од 21:00 часот.