ГО НАДМИНА КРАЛОТ: ДУРЕНТ Е НАЈПЛАТЕНИОТ КОШАРКАР ВО ИСТОРИЈАТА НА НБА
Објавено на: 20.10.2025
Легендарниот Кевин Дурент го продолжи договорот со Хјустон рокетс до 2028 година, за вкупно 90 милиони долари. Со новиот потпис популарниот Дурантула испиша историја во НБА лигата со рекордна заработка од вкупно 598,2 милиони долари, надминувајќи го рекордот на Леброн Џејмс од 583,9 милиони долари.
Дурент можеше да потпише двегодишен договор за 122 милиони долари, но се согласи на помала сума со цел да му остави на клубот простор за засилување на ростерот. Искусниот шутер има опција да ја активира клаузулата во договорот и да остане дел од Рокетс во сезоната 2027/2028, доколку планира да игра на 40 години.
Минатата сезона во дресот на Феникс, Дурент одржуваше просек од 26,6 поени, 6 скока и 4,2 асистенции по натпревар, по што влезе во одбраното друштво на легенди кои постигнале 30.000 или повеќе поени во НБА.
Хјустон ќе биде негов петти тим, откако Дурент претходно играше за Феникс, Бруклин, Голден стејт и Оклахома.