Кошарка

ДОНЧИЌ ОД СОИГРАЧОТ ВО ЛЕЈКЕРС НАПРАВИ СЛОВЕНЕЦ

Словенечката кошаркарска репрезентација наскоро ќе добие нов натурализиран кошаркар, а се работи за Џексон Хејс, центарот на ЛА лејкерс. Американецот роден во Оклахома се заљуби во Словенија благодарение на Лука Дончиќ, со кого е соирач во тимот на Езерџиите, па моментално се работи на процедурата да извади словенечки пасош и да го облече националниот дрес на оваа земја.

„Лука е мој човек. Работиме на случајот да земам пасош и од следното лето да играм за Словенија“, изјави Хејс за време на претсезонските натпревари во НБА.

Доколку Дончиќ навистина влијаел врз одлуката на Хејс да игра за Словенија, ќе биде од голема корист за него и репрезентацијата, бидејќи токму центарската позиција се покажа како слаба точка на Словенците на последното Европско првенство кое се одигра минатиот месец.

Во минатото Словенија оствари огромен успех со натурализиран странец на центарската позиција, кога во 2017 година екс-југословенската држава ја освои европската титула со Зек Рендолф, како еден од клучните играчи покрај тогаш сензационалниот тинејџер Дончиќ.