Фудбал

ГИГАНТИТЕ ОД МАНЧЕСТЕР „БРАТСКИ“ ПРОТИВ СЕЛЕРИ-КЕП ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА

Власниците на премиерлигашките клубови во ноември ќе се сретнат на годинешниот самит на кој една од главните теми ќе биде воведување на „селери-кеп“ во Премиер лигата. Од идејата која првпат оживеа во март 2024 година, се спроведе тест-гласање во кое 16 од 20 премиерлигаши беа „ЗА“, додека гигантите Јунајтед и Сити од Манчестер, како и Астон вила беа против, а само власниците на Челси беа воздржани.

Од таборот на Сити и Јунајтед сметаат дека ваквиот потег ќе го загрози квалитетот на лигата, како и на самите клубови со најголеми амбиции, кои би имале проблеми да доведат светски ѕвезди доколку буџетите за плати и трансфери бидат ограничени. Во Премиер лигата веќе има еден вид на „селери-кеп“, тоа е ПСР правилото кое им дозволува на клубовите загуби до 105 милиони фунти во период од три сезони.

Според медиумите на Островот, доколку се изгласа „селери-кеп“, голем дел од клубовите веќе ќе бидат под закана да ги прекршат правилата. Од санкциите кои се предвидуваат да се имплементираат, се издвојува минималната казна од одземање шест поени, плус одземање поен за секои 6,5 милиони фунти трошок над одредениот буџет според „селери-кепот“.

 „Последното нешто што го посакуваме е англиските клубови да заостануваат зад гигантите како Реал Мадрид, Барселона, ПСЖ… Доколку се спроведе оваа регулатива, слободно може да се откажеме од „статусот“ на најдобрата фудбалска лига во светот“, истакна Сер Џим Ретклиф, ко-сопственикот на Манчестер јунајтед.