Фудбал

ЕНРИКЕ СЕ ПЛАШИ ОД ШПАНСКИОТ ХАРИ ПОТЕР

Вечерва на „Монжуик“ ќе се одигра дербито на второто коло во Лигата на шампионите, во кое актуелниот европски првак ПСЖ гостува кај шпанскиот шампион, Барселона.

Дуелот воедно ќе биде одбележан и со камбек на Луис Енрике во Каталонија како екстренер, но и поранешен играч на Барса. Предвоникот на Парижаните е возбуден во пресрет на дербито, очекува вистинска борба меѓу два тима кои играат сличен фудбал, со многу атракции и напаѓачки менталитет, па нема да биде изненадување доколку проследиме голеада и драма до последните моменти.

Сепак, Енрике е претпазлив поради еден член на Каталонците, а тоа е играчот за врска, Педри. Тренерот на ПСЖ соработуваше со маестралниот везен играч во шпанската репрезентација, добро го познава, па вели дека Педри е како Хари Потер во фудбалот, но се надева дека магионичарот вечерва нема да го понесе магичното стапче со себе.

„Барселона има многу фантастични играчи на секоја позиција. Како тим, одлични се со топката, но и без, знаат да се одбранат и нападнат на повеќе начини. Воедно, го имаат и Педри, кој според мене е како Хари Потер кога ја има топката крај себе. Се надевам дека вечерва нема да го понесе магичното стапче“, посочи Енрике.

Очигледната анализа на Енрике е само потврда колку Педри е значаен за тимот на Флик. Сосема поразлична е играта кога Шпанецот е здрав и галопира на теренот, еден од ретките играчи чија игра не се карактеризира само статистички, туку и неговот влијание врз натпреварите.

Дуелот Барселона – ПСЖ е предвиден да се одигра во 21 часот.