Фудбал

ГАЗДИТЕ НА ТОТЕНХЕМ ОДБИЈА РЕКОРДНА СУМА ЗА ДА ГО ПРОДАДАТ КЛУБОТ

Инвестициската групација „ЕНИК“ која поседува 87% од акциите на Тотенхем, одби рекордна понуда од 4,5 милијарди фунти за да го продаде премиерлигашкиот клуб. Понудата стигнала од САД, предводена од претприемачот Бруклин Ејрик, кој организирал конзорциум од 12 инвеститори за да го преземат мнозинството акции на Тотенхем.

Од таборот на Петлите цврсто стојат на ставот дека клубот не е за продажба, иако понудата би ја надминала засега рекордната продажба на еден клуб во историјата на фудбалот, која изнесува 4,25 милијарди фунти кога бизнисменот Тод Боли со неговите партнери го откупи лондонски Челси во пролетта 2022 година од Роман Абрамович.

Американскиот претприемач се обиде да ја искористи моменталната ситуација во клубот за да инвестира во Тотенхем, бидејќи пред околу 20-тина дена управата го разреши Даниел Ливај од позицијата на претседател на клубот.

Британските медиуми откриваат дека од вкупната понуда од 4,5 милијарди фунти, 3,3 милијарди фунти би биле наменети за откуп на мнозинството акции, а 1,2 милијарди фунти би биле инвестирани во трансфери. Тотенхем одлично стои инфраструктурно, го има еден од најмодерните стадиони во светот, заедно со тренинг центар од елитни размери, така што би немало потреба да се издвојуваат средства за инвестиции од тој аспект.

Сепак, засега нема да се случи оваа зделка, но се најавува дека наскоро би можела да стигне нова официјална и побогата понуда до власниците на клубот од северниот дел на Лондон.