Фудбал

ОСОГОВО ЌЕ ГО ВГОСТИ СПЛИТСКИ ХАЈДУК ВО КОЧАНИ

Хајдук од Сплит, еден од најславните хрватски фудбалски клубови, доаѓа во Кочани идното лето каде што ќе одигра пријателски натпревар против македонскиот второлигаш Осогово. Овој договор се официјализира по посетата на делегацијата на Општина Кочани на чело со в.д. градоначалникот Венко Крстевски, во повеќе хрватски градови.

„Со гордост ви соопштувам дека по средбата со претседателот на Хајдук Сплит, Иван Билиќ, се договоривме за пријателски натпревар меѓу Осогово и Хајдук во август 2026 година на нашиот „Никола Мантов“. Во знак на спортско пријателство со претседателот на Хајдук разменивме дресови на двата клуба. Ова ќе биде историски настан за Кочани и огромен спектакл за сите што го носат жолто-синиот дух во срцето. Време е Осогово да го добие празникот што го заслужува и да покаже дека е подготвено за ново поглавје“, стои во соопштението на Крстевски.