Фудбал

ПРОКЛЕТСТВОТО НАРЕЧЕНО „ЈУНАЈТЕД“: ЗА 5 ДЕНА ОТПУШТЕНИ ТРОЈЦА ПОРАНЕШНИ ТРЕНЕРИ НА МАНЧЕСТЕР

Откази фрчат на стартот од новата сезона, што е вистинска реткост кога станува збор за големите фудбалски клубови во Европа. На удар се најдоа тројца поранешни тренери на Манчестер јунајтед, триото менаџери за само пет дена беа разрешени од функциите во клубовите каде што работеа.

Серијата почна со Оле Гунар Солскјер, кој беше отпуштен од Бешикташ по елиминацијата од Шахтар во квалфикациите во Лигата на Европа. Сличен неуспех доживеа и ривалот на Бешикташ, Фенербахче, кој не успеа во плејофо во Лигата на шампионите да ја помине Бенфика и да се пласира во лигашкиот дел, по што управата му врачи отказ на Жозе Мурињо во петокот.

Викендот измина, Баер Леверкузен повторно не оствари победа во Бундеслигата, па по само две кола им стана јасно на Фармацевтите дека со Ерик Тен Хаг нема да го пресликаат успехот кој клубот го оствари со Чаби Алонсо, па утрово Холанѓанецот беше ослободен од обврските.

Тешка судбина ги снајде поранешните предводници на Црвените ѓаволи, а како тргнаоа и актуелниот тренер на Јунајтед, Рубен Аморим, може да го снајде истата судбина наскоро, доколку не се сменат работите кон подобро на „Олд трафорд“.