Фудбал

ПУКНА ТИКВАТА: МАРИНАКИС ГО МЕНУВА ЕСПИРИТО САНТО СО ЕКСТРЕНЕРОТ НА ТОТЕНХЕМ?

Утрото во Нотингем почна со кавга меѓу газдата Маринакис и тренерот на Шумарите, Нуно Еспирито Санто. Наводно, португалскиот стратег не е задоволен што клубот не му ги исполни желбите на трансфер-пазарот, односно неколку позиции не се пополнети со адекватни засилувања и покрај тоа што Форест досега потроши повеќе од 170 милиони евра за нови играчи.

Според Еспирито Санто, планот кој се постави на почетокот од летото е далеку од реализација, додека Маринакис воопшто не е среќен што тренерот ја искритикува работата на спортските оперативци на клубот. Поради тоа, грчкиот сопственик на премиерлигашот тргна да бара негова замена, а по сите изгледи тоа ќе биде Анге Постекоглу.

Австралискиот стратег со грчки корени мина две сезони на клупата на Тотенхем и се прости од клубот со освоена титула во Лигата на Европа, а сега може да добие нова шанса да се докаже во Премиер лигата. Тимот веќе располага со млади и брзи играчи кои би му одговарале на стилот на Постекоглу, а Маринакис сака да ја искористи оваа прилика пред Анге да прифати ангажман на друго место.

Без разлика што Нотингем со Еспирито Санто лани оствари историски пласман во Премиер лигата и обезбеди настап во Европа, како и ја почна сезоната со убедлив триумф од 3-1 над Брентфорд, Нуно би можел да биде првиот тренер кој сезонава ќе добие отказ.