СТОЛЕ ГО ОДБРА ПОРАНЕШНИОТ КЛУБ НА БАРДИ ЗА СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА?
Објавено на: 22.08.2025
Откако Валенсија го изневери, Столе Димитриевски одлучи дека е најдобро во друга средина да ја продолжи кариерата, а се чини дека нема да патува далеку за да потпише за новиот клуб. Имено, македонскиот репрезентативец постигнал договор со Леванте, повратникот во шпанската елита, за оваа сезона да ја почне како прв голман во поранешниот тим на Енис Барди.
Леванте покрај Селта и Елче покажа најконкретен интерес за услугите на Димитриевски, па сега останува да се најде заеднички јазик со градскиот ривал околу начинот на реализирање на трансферот. Лилјаците би сакале да инкасираат колку-толку, а постои опција за позајмица со откуп по крајот на сезоната.
Столе во текот на целото лето е тема на разговор кога станува збор за неговата иднина, откако стана јасно дека и оваа сезона не би бил прва опција меѓу диреците на Валенсија – ветување кое клубот го прекрши по завршувањето на позајмицата на Гиорги Мамардашвили.