Кошарка

ШТЕТА: БОСАНЦИТЕ БЕЗ ПРВАТА ЅВЕЗДА НА ЕВРОБАСКЕТОТ

Џанан Муса, новиот член на КК Дубаи и репрезентативец на Босна и Херцеговина, ги скрши срцата на босанските навивачи откако се повлече од селекцијата на само една недела пред стартот на Евробаскетот. Босанците ќе мора да настапат без својата прва ѕвезда во ростерот, а причините за одлуката Муса да не настапи на континенталниот турнир, се од здравствен карактер.

„Би сакал да ја известам јавноста и нашите навивачи дека поради здравствени причини нема да можам да настапам на претстојниот Евробаскет. Првпат се соочувам со ваква ситуација, одлуката не беше лесна, но закрепнувањето по операцијата која ја направив пред неколку дена во Минхен, ќе трае подолго од што очекував. Како и да е, верувам дека моите соиграчи ќе го издржат напорот без мене и ќе остварат добри резултати на шампионатот“, се изјасни екскошаркарот на Реал Мадрид и Бруклин нетс.

Босанците ќе имаат исклучително тешка задача да се пласираат во нокаут фазата, бидејќи за противници во групата Ц ги имаат актуелниот шампион Шпанија, Грција, Италија, Грузија и домаќинот Кипар. Селекцијата која ја води Адис Бечирагиќ ќе се потпре на квалитетите на НБА-ѕвездите Јусуф Нуркиќ и Лука Гарза.