СТОПЕРОТ НА ЦРНИТЕ МАЧКИ ГИ ЗАСЕНИ ЅВЕЗДИТЕ НА ПЛ ВО ПРВОТО КОЛО НА ФАНТАЗИ
Објавено на: 18.08.2025
Иако првото коло во Премиер лигата ќе се комплетира вечерва со дуелот меѓу Лидс и Евертон, мали се шансите некој играч од двете екипи да оствари повеќе бодови на Фантази од Даниел Балард, централниот дефанзивец на Сандерленд. Црните мачки камбекот во англиската елита го крунисаа со убедлив триумф од 3-0 над Вест хем во премиерното коло, а токму Балард беше еден од стрелците на средбата која се одигра на „Стадионот на светлината“ во саботата.
Овој стопер кој вреди само 4,5 милиони фунти на популарната Фантази симулација, освои дури 17 бода, од кои 3 ги доби како бонус за блескавата партија. Балард стрелаше за 2-0 во 73-тата минута матирајќи го голманот на Чеканите со ефектен удар со глава, а притоа му помогна на тимот да сочува чиста мрежа пред полните трибини.
Балард беше херој од сенка за 20,153 фантазери во светот, а само тројца од нив го ставија како капитен на своите екипи, носејќи им тројно повеќе бодови, односно вкупно 51 бод. Многу фантазери низ светот едвај собраа вкупно 51 бод, но овие тројца мајстори кои веруваа во Балард ја почнаа сезоната на Фантази на најдобар можен начин.
Кој ќе биде херојот од сенка во второто коло?