НАЈТРОФЕЈНАТА НБА ФРАНШИЗА ПРОДАДЕНА ЗА ВТОРА НАЈБОГАТА СУМА ВО ИСТОРИЈАТА НА СПОРТОТ
Објавено на: 14.08.2025
Управниот одбор на НБА лигата ја одобри продажбата на франшизата на Бостон Селтикс, на милијардерот Вилијам Чисхолм и неговиот тим од акционери. Чисхолм го формираше приватниот инвестициски фонд „Симфони Технолоџи Груп“ и е страствен фан на популарните Келти, кои отсега ќе ги раководи и ќе инвестира во најуспешната франшиза во НБА.
Продажбата се одобри само пет месеци откако беше објавено дека Бостон е на продажба, франшизата беше проценета на 5 милијарди долари, а продадена е за 6,1 милијарда долари, што е втора највисока сума при продажба на една спортска франшиза во историјата на спортот. Инаку, најскапата продажба се случи неодамна, кога семејството Бас ја продаде франшизата на ЛА Лејкерс за неверојатни 10 милијарди долари.
Досегашните сопственици на Бостон остварија огромна заработка од продажабата, со оглед на тоа дека го купија клубот пред 23 години за „само“ 360 милиони долари. Селтикси се најтрофејната франшиза во НБА со 18 титули, последната освоена во 2024 година, а најблиску до нив се Езерџиите од Калифорнија со 17 трофеи.