Фудбал

ЕМОТИВНИОТ ЖОЗЕ ВО СОЛЗИ КОГА ГО ПРАШАА ЗА НЕГОВИОТ КАПИТЕН ОД ПОРТО КОЈ НЕНАДЕЈНО ПОЧИНА: ТАКОВ ЛИДЕР ЕДНАШ СЕ РАЃА (ВИДЕО)

Жорге Коста, поранешниот капитен на Порто кој беше лидер на екипата во освојувањето на Лигата на шампионите во сезоната 2003/04, ненадејно почина од срцев удар на 53-годишна возраст, што го запрепасти фудбалскиот свет.

Еден од најблиските луѓе на Коста беше Жозе Мурињо, двајцата беа меѓу најзаслужните за најголемиот спортски успех на португалските Змејови, а вчера Специјалниот се расплака среде прес-конференција кога еден од новинарите го праша токму за смртта на неговиот поранешен капитен.

„Дел од моето минато замина. Но, да беше Жорге тука, ќе ми речеше да престанам да плачам и да мислам на утрешниот натпревар. Би ми рекол: „одработи ја оваа прес-конференција, утре води го својот тим до победа и заборави на мене. Таков беше Жорге, а јас токму тоа и ќе се обидам да го направам. Денес и утре ќе ја извршам мојата работа, а ќе плачам подоцна. Тој беше разликата меѓу капитен и лидер. Тој статус понекогаш нема врска со капитенската лента која се носи на рака. Жорге беше еден од оние играчи за кои велев дека го „чистат ѓубрето“ додека тренерот си ја врши работата. Совршен фудбалер за секој тренер. Еднаш се раѓа таков лидер, не можеш да го измислиш, ниту да го купиш“, емотивно говореше Мурињо.

Мурињо вечерва треба да го води својот Фенербахче на тешкото гостување кај Феенорд, кој е прв натпревар од двомечот во рамките од третото квалификациско коло во ЛШ.