Фудбал

ГАЛИЈАНИ И МИЛАН, ВТОРА РУНДА

Адријано Галијани се наоѓа пред камбек во Милан, осум години откако ги напушти просториите на Росонерите. Галијани беше првично спортски директор, а потоа и претседател на италијанскиот гигант цели 31 година, поточно од 1986 до 2017 година.

Повеќе италијански медиуми ја пренесоа веста дека Галијани е во завршна фаза да ја продаде Монца, а откако ќе се ослободи од обврските кон сега веќе италијанскиот второлигаш, ќе може да се посвети на работата во Милан. Соработката е веќе договорена, а Галијани многу веројатно ќе почне со работа од средината на септември.

Галијани прво почна како спортски директор, а од 2002 година ја извршуваше функцијата на претседател во Милан, како најверен соработник на Силвио Берлускони. Во нивната ера Росонерите остварија големи успеси, освојувајќи вкупно 29 трофеи.

Дали присуството и искуството на Галијани ќе донесе нови успеси во клубот, останува да се види.