Фудбал

ВИСТИНСКА ШАМПИОНКА – СО СКРШЕНИЦА НА НОГАТА ГО ОДИГРА ЦЕЛОТО ПРВЕНСТВО И ЈА ОСВОИ ЕВРОПСКАТА ТИТУЛА

Женската фудбалска репрезентација на Англија вчера ја одбрани титулата на Европското првенство, откако Лавиците во пенал рулетот славеа против Шпанија со 3-1, по неизвесните 1-1 во 120 минути игра. Една од хероините на Гордиот Албион е Луси Бронз, крилниот бек и член на женскиот тим на Челси.

По вчерашното финале, Бронз откри дека целото првенство го одигра со скршеница на големата писка, потколеничната коска, истрпувајќи ја болката за да ѝ помогне на својата репрезентација. Луси одигра дури 599 минути не сметајќи го судиското надополнување, односно беше стартер на сите шест натпревари од групната фаза па сè до самото финале.

Бронз го одигра целиот меч против Франција во првото коло, против Холанѓанките излезе од игра во 84-тата минута, додека „само“ 74 минути се задржа на теренот во средбата против Велс. Потоа следуваа три нокаут-дуели со продолженија – 120 минути против Шведска во 1/4 финалето, уште толку против Италија во 1/2 финалето, додека во дуелот за европската титула излезе од игра во 106-тата минута откако се здоби со уште една повреда, овојпат во десното колено.

„Беше ужасно болно, целото првенство го одиграв со скршена потколеница. Сепак, морав да соберам сили и да ги поднесам сите потешкотии со цел да играм и да ѝ помогнам на репрезентацијата. По натпреварот со Шведска соиграчките ме фалеа иако јас имав огромни болки“, истакна Бронз по финалниот дуел против Шпанија.

Цели 600 минути со скршеница во потколеницата, а воедно го запиша 130-тиот настап за Англија и сега е четврта репрезентативка со најмногу настапи за актуелниот европски шампион во женскиот фудбал. Луси Бронз е вистинска шампионка!