Фудбал

НАВИВАЧИ НА АРСЕНАЛ ПОКРЕНАА ПЕТИЦИЈА, НЕ САКААТ УШТЕ ЕДЕН ИГРАЧ ОД ЧЕЛСИ ВО СВОЈОТ ТИМ

Повеќе од 1.000 навивачи на Арсенал потпишаа петиција во знак на незадоволство околу потенцијалниот трансфер на Нони Мадуеке, крилниот играч на Челси кој изминативе денови се поврзува со преселба во северниот дел од Лондон.

Топчиите се во активни преговори со градскиот ривал околу откупување на договорот на англискиот репрезентативец, иако првата понуда од 55 милиони фунти беше одбиена. Сепак, навивачите на англискиот вицешампион не го сакаат Мадуеке во својот тим бидејќи сметаат дека не е доволно добар и не би донел квалитет во составот, дополнително сумата која првично беше одбиена е превисока за фудбалер кој едноставно статистички не прави посебна разлика на теренот.

Фановите бараат од управата да ги инвестираат парите во офанзивец од повисок калибар, како Родриго од Реал Мадрид, а воедно Арсенал да престане да откупува играчи од градскиот ривал. Добар дел поранешни фудбалери на Челси ги продолжија кариерите токму на „Емирати“, со што Сините редовно профитираат. Таков беше случајот со Хаверц, но и многу други.