ПИОЛИ СЕ ВРАЌА ВО ФИОРЕНТИНА, А ОБНОВАТА НА ТИМОТ ЈА ЗАПОЧНА СО 39-ГОДИШНИОТ БОСАНЕЦ
Објавено на: 17.06.2025
Стефано Пиоли одлучи да се откаже од астрономската годишна плата од 12 милиони евра во Ал-Наср, за да се врати на кормилото на Фиорентина. По третпат ќе работи на „Артемио Франки“, а првиот потег на Пиоли да го реконструира тимот е… Бесплатен ангажман на Един Џеко.
Нема сомнежи дека босанскиот ветеран уште има сили и квалитет да игра во една од најпопуларните лиги во Европа, но фактот што има 39 години и е најавен како прв летен трансфер на Виолетовите, не донесе позитивна реакција кај фановите на овој клуб.
Како и да е, штом Пиоли смета дека Џеко му е неопходен, управата му ја исполни желбата – Ексголгетерот на Сити, Рома, Интер и Фенер меѓу другите, се согласи на двегодишен договор со Фиорентина вреден 2 милиони евра по сезона.