Кошарка

МАРЈАН ИЛИЕВСКИ НОВ СЕЛЕКТОР НА КОШАРКАРСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

Koшаркарската федерација на Македонија на чело со Томица Главчев, денес и официјално го промовираа Марјан Илиевски во нов селектор на сениорската кошарарска репрезентација. Илиевски доаѓа на местото на Алек Јончевски, кој беше предводник на нашата селекција од 2021 година.

Новата управа се одлучи со нов селектор да ја почне новата ера во македонската кошарка, во која целта ќе биде да се решат проблеми како на клупски план, така и на репрезентативен. Илиевски ќе биде задолжен да оствари резултат каков што чекаме повеќе од една деценија, а тоа е пласман на идните Мундо и Евробаскет шампионати.

Илиевски на кормилото доаѓа со доста искуство, откако тренерската кариера во главно ја градеше во домашното првенство, предводејќи ги екипите на Пелистер, Блокотехна, Кожув, Охрид, Лирија, но и Сигал Приштина, а сега го доби најголемиот предизвик, репрезентацијата на Македонија.

„Благодарност до претседателот Главчев и целата управа за укажаната доверба да дојдам на оваа функција. Од овој момент вртиме нов лист, го оставаме минатото таму каде што му е место и ќе се фокусираме да изградиме долготраен и успешен проект за доброто на македонската кошарка. Во усогласеност со клубовите ќе изградиме играчки кадар кој ќе носи успеси во националниот дрес“, порача Илиевски на денешната промоција.

Првите предизвици за Марјан Илиевски ќе бидат Унгарија и Романија, во претквалификациите за СП 2026 кои ќе се одржат во август.