Фудбал

ПОНУДА КОЈА ЌЕ ГО ЗАДРЖИ КОНТЕ ВО НАПОЛИ?

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, нема да дозволи Антонио Конте така лесно да замине од клубот откако им го донесе четвртото Скудето во нивната историја.

Според повеќе медиуми, до Конте е доставена првата понуда да остане под Везув, а истата гласи – зголемена плата, повеќе средства за оперирање на трансфер пазарот, ангажирање квалитетни играчи за тимот да продолжи да реди успеси.

Како што е познато, Наполи е во напредни преговори со Кевин Де Брујне и се чека негова согласност за клубот да ја официјализира првата голема аквизиција. Иконата на Сити треба да пристигне како слободен играч и да потпише тригодишен договор, а во меѓувреме отпочнати се преговори и за бесплатен ангажман на Џонатан Дејвид, канадскиот голгетер од Лил.

Дали овие услови ќе бидат доволни за Конте да остане, или пак ќе ѝ се врати на старата љубот Јувентус, ќе се знае во наредниот период.