Фудбал

СÈ Е ПОДГОТВЕНО ЗА МЕГА-ТРАНСФЕРОТ ВО НЕАПОЛ: СЕ ЧЕКА САМО ПОТПИСОТ НА БЕЛГИСКИОТ МАГИОНИЧАР

Откако италијанските медиуми го најавија сензационалниот ангажман на Кевин Де Брујне во Наполи, набрзо потоа и претседателот Де Лаурентис отворено и искрено кажа дека го чека белгискиот виртуоз да прифати да игра за нив, сега Фабрицио Романо изнесе нови информации дека работите се движат во добра насока и наскоро сè ќе биде готово.

Имено, претставниците на живата легенда на Манчестер сити денес се во Неапол каде за околу 48 часа ќе се комплетираат сите ситници за Де Брујне да може да потпише тригодишен договор со новиот италијански првак.

Ова ќе биде најголемиот трансфер на Наполитанците, па можеби уште од времето на Диего Марадона. Токму на стадионот кој го носи името на легендарниот Аргентинец, доаѓа англиски, европски и светски шампион, еден од најдобрите фудбалери во историјата на Премиер лигата, што ги потврдува амбициите на Наполи по освоеното Скудето.

Што се однесува до Де Брујне, се чини дека понудата на Наполи е далеку подобра од онаа на Ливерпул, наводно и Арсенал, како и бројните повици од МЛС лигата за да се пресели преку Барата. Ќе го смени клубот, но не и бојата на дресот, а Серија А многу веројатно ќе добие огромна фудбалска ѕвезда.