Фудбал

6 МАЈ Е ПОСЕБЕН ЗА БАРСА – ПОБЕДИ НА ОВОЈ ДАТУМ И ОСВОЈ ЈА ТИТУЛАТА

Фудбалска Европа е во исчекување да го добие првиот финалист во Лигата на шампионите за оваа сезона. Интер и Барселона на „Џузепе Меаца“ ќе решаваат кој ќе обезбеди битка за титулата во најпрестижното континентално клупско натпреварување, а денешниот датум кој е предвиден за реваншот има посебна симболика за Каталонците.

Имено, 6 мај има посебна поврзаност со титулите кои Барса ги освои во 2009 и 2015 година. На 6 мај 2009 година, Каталонците обезбедија пласман во финалето по фамозниот погодок на Андрес Иниеста за 1-1 против Челси во судиското надополнување, резултат кој беше доволен за тогашниот тим на Гвардиола да ги елиминира Сините со помош на правилото „гол на гости“. Тоа финале против Манчестер јунајтед го добија со 2-0, благодарение на стрелците Меси и Ето.

Шест години подоцна, поточно на 6 мај 2015 година, Барса триумфираше со 3-0 во првото полуфинале против Баерн Минхен. Оваа средба се памети по магијата на Меси кога му ја „скрши кичмата“ на Боатенг и го лобуваше Нојер. За Каталонците овој резултат беше доволен иако реваншот го загубија со 3-2, а потоа стигнаа до финалето и го освоија трофејот со големите уши за петти и последен пат во клупската историја, славејќи со 3-1 против Јувентус.

Судбината сакаше реваншот против Интер да се игра на 6 мај, а дали тимот на Флик ќе го продолжи овој тренд, останува да видиме по 21 часот.