ПОСЛЕДНИОТ ТАНЦ НА ВАРДИ: ВО КЛУБОТ ОД ДЕТСТВОТО ИЛИ ВО ХОЛИВУДСКИОТ ПРОЕКТ?
Објавено на: 28.04.2025
Разделбата на Џејми Варди со Лестер е меѓу топ темите од Премиер лигата деновиве, а јавноста ја интересира во кој клуб ќе ја заврши кариерата. На маса се две понуди за англискиот ветеран, едната игра на картата сентименталност, а втората е проект на двајца холивудски актери кои испишуваат историја.
Имено, Шефилд вензди, клубот каде Варди како младинец тренираше и доби отпустница на свои 16 години откако тренерите го прогласија за недоволно квалитетен, му ги отвора вратите на Варди да ја заврши кариерата во клубот за кој навива. Наводно има конкретна понуда, но она што се чека е да се одреди судбината на тренерот Дени Рол, за да се постават цели за засилувања во пресрет на сезоната 2025/26.
Втората понуда доаѓа од новопромовираниот второлигаш Рексам. Овој велшки клуб живее бајка откако светски познатиот актер Рајан Рејнолдс и неговиот партнер Роб МекЕлни почнаа да инвестираат во клубот. Рексам во три последователни сезони обезбеди промоција стигнувајќи до Чемпионшип од Националната лига, која е петта најквалитетна лига во Англија. Варди со овој клуб би се борел за експресно враќање во Премиер лигата, односно амбициите на Рексам се веќе следната сезона да се води битка за пласман во елитата, што ја прави оваа понуда доста примамлива за еден од најсмртоносните голгетери на Островот.
Варди има време да одлучи, а ќе видиме дали ќе победи љубовта или амбициите за испишување историја.