Фудбал

ОДБИЕНОТО БАРАЊЕ НА АНЧЕЛОТИ ДО ПЕРЕС Е ПРИЧИНАТА ШТО РЕАЛ ПОТФРЛИ СЕЗОНАВА?

Доаѓањето на Килијан Мбапе во веќе шампионскиот тим на Реал Мадрид првично беше најава дека доминацијата на Кралевите ќе трае и во блиска иднина, односно оваа сезона и следните неколку. Но, планот се урна како кула од карти, Реал ги загуби финалињата од Барса во Суперкупот и Купот на Шпанија, претрпеа елиминација од Арсенал во 1/4 финалето од Лигата на шампионите, a како што стојат работите гигантот од Мадрид ќе остане и без титулата во Ла Лига.

Овие слаби резултати ја одредија судбината на Карло Анчелоти, човекот кој го предводеше тимот до толку многу трофеи, за сега да му се заканува отказ и пред крајот на сезоната. Анчелоти ќе биде на клупата во последните кола од првенството во Шпанија, но Реал со привремен тренер ќе се појави на Светското клупско првенство во јуни.

Шпанските медиуми во меѓувреме редат низа причини како дојде клубот до оваа ситуација, а меѓу поголемите проблеми е одбиеното барање на Анчелоти до Перес. Имено, италијанскиот стратег побарал да се надгради тимот на тактички аналитичари и да се вложи во опрема, Перес одбил, па недостатокот на асистенти честопати сезонава се покажа како клучен фактор.

Добар пример за тоа е саботното финале против Барселона, во кое Флик располагал со дури седум стручни лица за анализа и следење на секој детал од играта на двете екипи, додека Анчелоти има само двајца аналитирачи кои работат на преносни компјутери.

Звучи чудно, но и тоа како ваквите мали детали може да ја направат големата разлика на теренот.