Фудбал

ПАПАТА И ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ: ПРОРОШТВО КОЕ ГО ПРЕДВИДУВА НОВИОТ ЕВРОПСКИ ШАМПИОН

За помалку од една недела ќе се одиграат првите полуфинални дуели во Лигата на шампионите, а паровите кои се борат за пласман во големото финале се Барселона – Интер и Арсенал – ПСЖ. Се очекуваат фантастични дуели особено по фактот дека има по еден претставник од четирите најдобри фудбалски лиги во Европа и по подолго време навистина е тешко да се предвиди кој тим ќе ја слави титулата на крајот од сезоната.

Сепак, според едно пророштво поврзано со папата, се вели дека англиски тим годинава ќе завладее со фудбалска Европа, а еве и како.

Папата Јован Павле Први почина во 1978 година, кога токму во истата сезона 1978/79 Нотингем форест ја освои првата европска круна во клупската историја. Во 2005 година почина папата Јован Павле Втори, за подоцна истата сезона да посведочиме на можеби најдоброто финале во историјата на ЛШ, кога Ливерпул надомести три гола заостаток против Милан и по пенал-рулетот се радуваше на петтата континентална титула. Во 2022 година почина папата Бенедикт 16-ти, а во таа сезона Манчестер сити со минимални 1-0 против Интер стигна до првиот европски трофеј.

Како што е познато, пред неколку дена светот се прости од папата Франциско, па тимот на Арсенал како еден од полуфиналистите се смета за освојувачот на титулата во најава, нормално според ова невообичаено пророштво.

Интересно е што Ливерпул и Сити во финалињата беа подобри од италијанските претставници Милан и Интер, а за пророштвото да биде комплетно и сезонава има шанси англиски и италијански тим да се сретнат во дуелот за титулата, доколку Интер го добие двомечот со Барса, а Топчиите го елиминираат ПСЖ.