ВО УЕФА ЌЕ ГЛАСААТ НОВИ ПРОМЕНИ – НЕМА ПОВЕЌЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА?
Објавено на: 24.04.2025
Извршниот комитет на УЕФА на 30 мај во Минхен ќе одлучува за воведување нови промени околу натпреварувачкиот формат во Лигата на шампионите и двете останати континентални натпреварувања.
Имено, само една година по укинувањето на правилото „гол на гости“, сега се размислува за укинување на продолженијата, односно во натпреварите од нокаут фазата доколку не се одлучи победник по 90 минути игра во реваншот, да се оди директно на пенали, наместо да се доигруваат две кратки полувремиња од по 15 минути.
Тоа ќе биде главната точка за гласање, а исто така се нудат уште две промени како, топ 8 екипите од лигашката фаза во ЛШ, ЛЕ и ЛК, да добијат еден вид на награда, односно во 1/4 финалната фаза реванш-дуелите да ги играат на домашен терен, како што им се дава предност во 1/8 финалето.
Најавено е и можно враќање на правилото две екипи од иста земја да немаат право на двомеч пред 1/4 финалната фаза, како што беше до неодамна.
Сето ова ќе се одлучува на ден пред финалето во Лигата на шампионите, кое годинава ќе се игра на „Алијанц арената“ во Минхен.