Фудбал

ПЛАТИ КОЛКУ ШТО ТРЕБА, САМО ХОЈЛУНД ДА НЕ Е ВО НАПАДОТ

Рубен Аморим доколку ја преживее сезоната, ќе добие прилика да го реконструира нападот на Манчестер јунајтед со дури 110 милиони евра, кои се предвидени за двајца играчи.

Имено, клубот полека се откажува од Расмус Хојлунд, кој никако не може да ја пронајде формата и делува тотално индиспонирано на теренот, па затоа планот е да се вложи во двајца нови офанзивци, како Лијам Делап од Ипсвич и Матеуш Куња од Вулверхемптон.

Делап како „матурант“ од школата на Сити покажа дека е подготвен за Премиер лигата и покрај неискуството, истакнувајќи се како единствена светла точка во тимот на Ипсич кој веќе сигурно испаѓа од највисокиот ранг на англискиот фудбал. Клаузулата од 35 милиони евра е сосемна разумна цена, а според информациите Ѓаволите веќе во јуни ќе активираат истата. Во меѓувреме траат преговорите со претставниците на Делап, кој пак има понуди и од лондонските ривали, Арсенал и Челси.

За Куња, планирани се високи 64 милиони евра со оглед на тоа дека Бразилецот неодамна потпиша нов договор со Волците, и моментално е најдобар поединец на екипата. Куња е добро познат на Јунајтед бидејќи изминативе неколку натпревари се покажа како најголема закана за тимот од „Олд трафорд“.

Со оглед на денешните збиднувања на трансфер-пазарот, вкупната сума и не делува така високо за две нови аквизиции кои би требало да донесат свежина во нападот и пред сè, многу подобри резултати во однос на актуелните со кои Манчестер има сезона за заборав, најмногу во Премиер лигата каде стојат на 14-тото место на табелата.