ЗАСИЛУВАЊЕ ЗА БАВАРЦИТЕ ПРЕД РЕВАНШОТ СО ИНТЕР
Објавено на: 15.04.2025
Венсан Компани, тренерот на Баерн Минхен, доби одлични вести на ден пред реваншот со Интер во четвртфиналето од Лигата на шампионите, дуел кој е закажан да се одигра утревечер на „Џузепе Меаца“.
Имено, првиот голман и капитен Мануел Нојер закрепна во вистински момент и отпатува со екипата за Милано, а има најави и дека ќе застане пред својот гол од првата минута.
Ова е големо засилување за Баварците ако се знае дека ќе треба да бркаат негатива од еден гол во обидот да обезбедат пласман во топ 4 фазата од најелитното европско клупско натпреварување.
Компани во првиот меч не можеше да смета на неколку клучни првотимци како Дејвис, Упамекано, Коман, Мусијала, како и Нојер, но барем ветеранот успеа да собере сили за да му помогне на својот тим. Дали тоа ќе биде доволно за да се спречи италијанскиот првак, ќе дознаеме утре по 23 часот.