ФАНОВИ ЗА ПРИМЕР: ОТКУПИЈА АКЦИИ НА СТАДИОНОТ И СОБРАА 27 МИЛИОНИ ЕВРА
Објавено на: 08.04.2025
Навивачите на Сент Паули се вистински пример како се сака клубот. По речиси петмесечната акција во која секој навивач имаше шанса да откупи најмалку една акција од клупскиот стадион, фан-базата на бундеслигашот успеа да собере дури 27 милиони евра.
Така, сите членови на фан-клубот на Сент Паули кои купија акции станаа акционери, па сега мнозинството акции од стадионот „Милентор“ во Хамбург се во нивна сопственост. Дури и поранешниот претседател на Баерн Минхен, Ули Хенес, се приклучи на акцијата и откупи неколку акции, со цел да се реализира мисијата за финансиска поддршка на клубот.
Сент Паули сега има средства кои може да ги вложи во подигнување на квалитетот на екипата со цел да го задржи статусот на германски прволигаш. Клубот моментално е на четири бода од зоната за испаѓање на табелата во Бундеслигата, на шест кола до крајот на првенството.
Инаку, една акција вреди 850 евра, а при секое купување, навивачите се дел од лотаријата во која можат да добијат подароци во вид на потпишан дрес, вечера со тимскиот капитен Џексон Ирвин, како и ВИП-пакети.