Фудбал

МУРИЊО ГИ НАРЕЧЕ МАЈМУНИ, ГАЛАТА ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ СПЕЦИЈАЛНИОТ (ВИДЕО)

Вчерашното дерби во Истанбул меѓу големите ривали Галатасарај и Фенербахче заврши без голови, но не и без драма. Управата на Галатасарај поднесе жалба до УЕФА и ФИФА и го обвини  Жозе Мурињо за расистички навреди.

Мурињо повторно го навлече на себе вниманието, кога по натпреварот одржа благо речено, интересна прес-конференција во која клупата и стручниот штаб на Галатасарај ги нарече „мајмуни“.

Мурињо го пофали судењето на Славко Винчиќ, словенечкиот арбитар кој беше специјално ангажиран за ова дерби по жалбите дека турските судии не се доволно квалитетни. Жозе објаснуваше ситуација од мечот во која според него турски судија веднаш би санкционирал со картони, но не и Словенецот, а веднаш потоа сликовито и со расистички коментар ги опиша противниците.

„Морам да му се заблагодарам на судијата, бидејќи не потклекна на притисок во ситуацијата кога имаше нурнување и кога од клупата на Галатасарај почнаа да скокаат како мајмуни, Турски судија веднаш би се фатил да дели картони“, изјави Мурињо.

Овој коментар ја разгневи управата на актуелниот турски шампион, па сега Мурињо ќе мора да одговара и да се брани од било каков обид за расистички вербален напад кон колегите од ривалскиот клуб.