САЛАХ ОТКРИ КОЈ ТРОФЕЈ МУ Е ПРИОРИТЕТ СЕЗОНАВА
Објавено на: 03.01.2025
Мо Салах ја игра сезоната на кариерата во дресот на Ливерпул, како прв лидер на екипата на Арне Слот во походот кон сите трофеи за кои се борат Црвените.
Популарниот Фараон веќе е на 20 погодоци и 17 асистенции, од кои 17 гола се во Премиер лигата, истакнувајќи се како ран фаворит за Златната топка за оваа година.
На прашањето што повеќе би сакал сезонава да освои, Салах ја одбра титулата во Премиер лигата пред тофејот од Лигата на шампионите.
„Оваа сезона повеќе би сакал да бидеме шампиони во Премиер лигата. Едноставно, таа титула повеќе ни значи, погладни сме за неа. И мене и на тимот, а чувствуваме дека и на навивачите, англиската титула ни е поважна цел“, истакна Салах.
Ливерпул е на врвот и во Премиер лигата и во Лигата на шампионите по 6 одиграни кола, фаворити се да издоминираат на Островот, додека се меѓу главните кандидати за европскиот трон.
Во меѓувреме, судбината на Салах останува неизвесна чекајќи нов договор од управата, тема која е актуелна веќе извесен период.