Фудбал

АНЧЕЛОТИ ПРЕД ОТКАЗ, РЕАЛ ВЕЌЕ НАЈДЕ „ПОЖАРНИКАР“?

Иднината на Карло Анчелоти на клупата на Реал Мадрид е ставена под знак прашалник по вчерашниот пораз од Ливерпул во петтото коло во Лигата на шампионите.

Без разлика што од почетокот на сезоната екипата не е комплетна и константно се појавуваат повреди на клучни играчи, резултатите не се доволно добри за тим кој моментално е европски и шпански шампион, па јавноста го бара виновникот во италијанскиот стратег за целата ситуација што се случува во клубот.

Поразите во дербијата против Барселона, Милан, па сега и Ливерпул, но и начинот на кој истите се случија земајќи во предвид дека екипата на Анчелоти игра под нивото, го вклучија алармот во таборот на клубот. Според неколку шпански медиуми, веќе е најдена привремена замена за Анчелоти доколку добие отказ во наредниот период.

Имено, на Сантијаго Солари му е кажано да се подготвува и очекува повик штом Анчелоти биде разрешен од тренерската функција. Солари би дејствувал како „пожарникар“ кој ќе го гаси пожарот на „Бернабеу“, а по крајот на актуелната сезона клубот ќе се обиде да го ангажира Чаби Алонсо како иден кормилар на Кралевите.

Солари имаше една кратка епизода во Реал како заменик на Лопетеги, кој беше отпуштен по неполни три месеци откако пропадна експериментот за наследник на Зидан.