ПОРАНЕШНИОТ СЕЛЕКТОР НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕНЕР НА ВАРДАР ЌЕ ЈА ВОДИ СРБИЈА
Објавено на: 14.11.2024
Раул Гонзалес, поранешниот селектор на ракометната репрезентација на Македонија и на Вардар, од јули 2025 година ќе ја извршува обврската на предводник на српската ракометна селекција.
Моменталниот тренер на ПСЖ ја официјализира соработката по дуелот меѓу Србија и Италија во рамките на европските квалификации, а веста ја потврди генералниот секретар на ракометната федерација на Србија, Иван Миливојевиќ.
„Договорот со Раул е потпишан по одиграниот натпревар против Италија. Договорот стапува на сила на 1 јули 2025 година, откако на господинот Гонзалес ќе му завршат обврските со Пари Сен Жермен. Пред Раул е поставена јасна цел – пласман на Олимписките Игри во 2028 година“, истакна Миливојевиќ за „Аренаспорт“.
Гонзалес од 2018 година е на кормилото на ПСЖ откако беше доведен да го преслика успехот што го оствари со Црвено-црните, кога во сезоната 2016/17 го предводеше Вардар до европската титула во Лигата на шампионите. Тоа не се случи, а по повеќе од шест години, Раул ќе се врати во селекторските води, откако беше селектор на Македонија од 2017 до 2019 година.