АНЧЕЛОТИ: ПОСЛЕДНИОТ ПАТ КОГА ЗАГУБИВМЕ 0-4 ОД БАРСА ГИ ОСВОИВМЕ ЛА ЛИГА И ЛШ
Објавено на: 27.10.2024
Реал Мадрид вчера потполно беше надигран со 0-4 од Барселона во 258-то Ел Класико, резултат кој беше тешка шлаканица за Карло Анчелоти и неговите галактикоси.
Актуелниот европски и шпански првак воопшто немаше идеја како да ја пробие одбраната на Каталонците, додека слабото издание на Милитао и останатите дефанзивци немаа одговор за разиграниот напад на гостите од Барселона.
Анчелоти по мечот се обиде да ја смири еуфоријата.
„Не се каам за тактичкиот план. Веќе 48 години сум во фудбалот, не грешам кога ви кажувам дека добро игравме во првото полувреме. Беше сосема поразлично од поразот од Лил, тој ден навистина бевме слаби, а сега бевме компетентни. Не заборавајте дека последниот пат кога изгубиме 0-4 од Барелона, на крајот од сезоната бевме шампиони во Шпанија и во Европа“, истакна Анчелоти.
На крајот од средбата камерите забележаа интересен момент при поздравот меѓу Анчелоти и Флик, па медиумите се заинтересираа за што се работи.
„Немам проблем со Флик, само му кажав дека еден од неговите асистенти не се однесуваше џентлменски при прославата“, додаде италијанскиот стратег.
По мега-дербито, Барса се зацврсти на врвот на табелата во Ла Лига со 30 бода, шест повеќе од актуелниот првак Реал Мадрид.