ДУЕЛОТ МЕЃУ БОЛОЊА И МИЛАН Е ОДЛОЖЕН ПОРАДИ ЛОШИ ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ
Објавено на: 26.10.2024
Серија А го одложи дуелот меѓу Болоња и Милан кој требаше да се одигра попладнево во рамките од деветтото коло во Серија А.
Катастрофалните временски услови и силни врнежи кои деновиве го зафатија регионот Емилио-Ромања ги спречи калчолигашите да ја одиграат средбата според календарот, па сега лигата заедно со одговорните во клубовите бара нов датум на кој може да се одржи натпреварот.
До последно се чекаше за да се донесе одлука дали дуелот да се игра или не, со алтренативни решенија како менување на стадион и слично, сепак на крајот е одлучено екипите на Болоња и Милан воопшто да не излезат на терен.
Според италијанските медиуми, дури во јануари 2025 година има слободни термини во кои овој одложен меч може да се одигра, што ќе ги поремети плановите и на двете екипи со оглед на густиот распоред со натпревари од Купот на Италија и Лигата на шампионите.