МУРИЊО ПО ЦРВЕНИОТ КАРТОН: МУ „ЧЕСТИТАВ“ НА СУДИЈАТА, ТОЈ Е ЕДЕН ОД „НАЈДОБРИТЕ“ ВО СВЕТОТ
Објавено на: 25.10.2024
Мурињо со Фенербахче вчеравечер избори реми од 1-1 против својот поранешен клуб Манчестер јунајтед, но моментот кој ќе се памети од оваа средба е исклучувањето на Специјалниот поради протест за одлуките на судијата Турпан.
Како што знае да привлече внимание, Мурињо внесе огромна доза на сарказам во краткото интервју по натпреварот. Беше видно незадоволен што неговата екипа не доби пенал, па по жестоките протести, Жозе беше исклучен од дуелот.
„Не сакам да зборувам за инцидентот. Судијата ми кажа нешто неверојатно. Ми рече дека во ист момент имал увид и на ситуацијата и на моето однесување покрај аут-линијата. Морав да му честитам за неговиот неверојатен периферен вид. Замислете, во тек на акција која се одвива со брзина од 100 милји на час, судијата со едно око гледал кон акцијата, а со другото кон мене, тоа е објаснувањето што го добив. Затоа е еден од „најдобрите“ судии во светот“, истакна Мурињо.